(Видео) Мухамед Зеќири чека три часа да почне рочиштето, сопругата донесе пасоши во судот

пред 2 години

Три часа, генералниот секретар на Владата во оставка, Мухамед Зеќири, чека да почне рочиштето на кое судија на претходна постапка, ќе треба да одлучи дали ќе му одреди мерка на претпазливост поради опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на делото. Обвинителката Катерина Коларевиќ стигна во судската зграда, неколку минути откако Бисера Зеќири, сопруга на Мухамед Зеќири, дојде и му даде пасоши на адвокатот Александар Трајковски. Бисера, двапати дојде до судската зграда, каде претходно оставаше храна и вода за нејзиниот сопруг.

На прашањето, што се случува зад вратите на Кривичниот суд, зошто се чека три часа, но и зошто ги зеде пасошите од сопругата на Зеќири, но тој не одговори. Откако не повеќе од пет минути се задржа со неа, тој влезе без коментар во судската зграда.

Не е познато дали се чека да пристигне судијата на претходна постапка кој треба да одлучува за одредување на мерка на претпазливост.

Зеќири, за кого беше издадена наредба за приведување, дојде во судот пред да го најдат полицајците. Тој без коментар влезе во судската зграда, не кажа дали планирал бегство, ниту дали е виновен за делото за кое се гони.

Во меѓувреме, додека стигне наредбата за приведување, тој преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Влада.

Јавен обвинител донесе наредба за истрага во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.

Share
Scroll to Top