(Видео) Заев: Загадениот воздух во Скопје веќе не е горлива тема како резултат на акциите што ги спроведовме

пред 3 години

На одбележувањето на Светскиот ден на заштита на животната средина, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев, присуствуваа на акција на Град Скопје за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале.

На акцијата присуствуваа и Директорката на УЈП, Сања Лукаревска и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

„Оваа година им се придружив на активностите што по повод овој ден ги организира Град Скопје кој продолжува да го реализира ‘Акцискиот план – Скопје зелен град’, проект кој во фокусот ги стави решенијата за предизвиците за заштита на животната средина и создавање на одржлив развој на градовите. Факт е дека како резултат на активностите од овој проект и на низата други значајни сеопфатни проекти оваа година не разговараме за загаден воздух во главниот град, односно имаме огромно намалување на бројот на денови со надминати концентрации на пи-ем честички. Некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е резултат и на заедничка акција на сите. Резултат е и на зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа Влада да продолжи со еколошките проекти како што беше замената на загадувачките печки на дрва и на фосилни горива со еколошки чисти инвертери во Скопје и во неколку други градови“, посочи во своето обраќање премиерот Заев.

Градоначалникот Шилегов посочи дека ридот на Кале е една од најкритичните точки на градот во смисла на ерозија.

„Не случајно ја одбравме оваа локација, која изминативе три години беше предмет на анализа на Град Скопје и УНДП како дел од проектот ‘Отпорно Скопје’ и изготвени се две студи: Студија за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје и Студија за ерозија и акциски план на Град Скопје. Градот во соработка со УНДП има засадено над 11.500 садници со цел спречување на ерозивните процеси“, порача Шилегов.

Тој најави дека оваа локација во иднина ќе биде во фокус на градот во смисла на уредување на јавниот простор.

„Овој простор треба да премине во организирано паркирање, но и да се изградат нов памптрак полигон, скејт парк, кошаркарски игралишта со цел овој простор кој во минатото беше сериозно девастиран и заборавен од градските власти да го ставиме во употреба на скопјани. Во оваа прилика сакам да апелирам до скопјани, особено граѓаните што доаѓаат од Аеродром, Ново Лисиче, Бутел и Чаир наместо да одат да паркираат пред ЗОО Скопје да го користат овој простор, којшто сега е слободен за паркирање, исчистен и релативно безбеден“, кажа скопскиот градоначалник.

Share
Scroll to Top