(Видео) Заев: Македонскиот јазик и идентитет се меѓународно потврдени

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев од Спомен-костурницата во Куманово, по повод Денот на востанието против фашистичкиот окупатор – 11 Октомври, ги нагласи успесите на државата на меѓународен план, со членството во НАТО и отворениот пат кон почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Тој уште еднаш истакна дека македонскиот јазик и идентитет се меѓународно потврдени. „ На денешен ден 11 Октомври – Денот на народното востание, нашите сограѓани во Куманово и Прилеп, го означија почетокот на сенародната борба за слобода и правда и го започнаа остварувањето на вековниот сон – сопствена и заслужена државност. Со овој голем историски чин започна и впишувањето на македонската држава на мапата на нациите на светот. Македонската државност е изнедрена од борбата за правда и еднаквост. Во темелот се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Благодарение на овој пркос, денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена и со сојузничка армија, со државна валута и со сите постулати на државност. Денес стоиме горди, со кренати глави, чувајќи го заветот на нашите предци. Благодарение на договорите со Бугарија и Грција, нашата држава од држава оставена на маргините се претвори во активен чинител на меѓународната сцена. Денес нашата држава е ценет и посакуван партнер. Успешна приказна која почна да го менува наративот на целиот Балкан. Соседите денес ни се сојузници и силни поддржувачи на меѓународен план. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ порача Заев.

Share
Scroll to Top