Маричиќ – Фрагојанис: Грција денес е силен лобист за нашата интеграција во ЕУ

пред 2 години

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска беше домаќин на средбата со заменик министерот за надворешни работи, за економска дипломатија и отвореност на Грција, Костас Фрагојанис.

Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Маричиќ и заменик министерот Фрагојанис на почетокот на средбата изразиле задоволство од динамиката на релациите помеѓу Северна Македонија и Грција во рамки на Договорот од Преспа и зајакнатата билатерална соработка.

„Од грчка страна беше потврдена силната поддршка за забрзување на евроинтегративниот процес како од политички, така и од аспект на обезбедување експертска и техничка поддршка на тимовите во земјава кои ќе работат на поглавјата со цел отпочнување на преговорите на Северна Македонија со Унијата“, се наведува во соопштението за средбата.

На средбата Маричиќ изразил подготвеност за повторно активирање на соработката во рамките на Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, потпишан во април 2019 година.

Маричиќ и Фрагојанис ги разгледале можностите за продлабочување на билатералната соработка помеѓу двете земји од аспект на поддршка на реформскиот процес, како и проширување на економската соработка во рамките на Меморандумот за формирање на управен комитет за економска соработка согласно Договорот од Преспа.

Share
Scroll to Top