(Видео) Заев: Рамковниот договор испрати порака за разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците

пред 3 години

Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики, политики кои градат мостови, а не ги рушат, рече премиерот, Зоран Заев, на свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор насловена „После Охрид“.

„Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи“, рече Заев.

Додаде дека како држава ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое, како што кажа, е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.

„Нашата земја гради зрели политики. Наместо конфликти, разговараме за унапредување, за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани“, наведе премиерот.

Тој истакна дека Владата, пред четири години ја исполнила обврската која, според него, непотребно се одолговлекувала повеќе од една деценија и го донела Законот за употребата на јазиците, заокружувајќи ги одредбите од Охридскиот рамковен договор.

„Законот за употреба на јазиците е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани елиминирајќи ги условите за развивање национализам и обезбедувајќи напредок на државата, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница“, рече Заев.

Share
Scroll to Top