Усвоени се измените на Законот за социјална заштита, со кои границата за лична асистенција се спушта од 18 на 6 години, информира пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска.
Според неа, со измените секое дете со потешка и најтешка физичка попреченост или потполно слепо дете ќе може да добие личен асистент веќе со навршени шест години.
На овој начин, рече таа, ќе се овозможи индивидуална помош и поддршка и на децата за вршење на секојдневни активности и тоа заради пристап до образовните институции, центрите за рехабилитација и вклучување во заедницата, активности кои дете без попреченост вообичаено ги врши без поддршка.
Со овие законски измени, според Костадиновска Стојчевска, се очекува 200 деца да добијат услуга на лична асистенција и тоа од 80 часа во текот на еден месец.
„Го поттикнуваме личниот и образовниот развој на децата и им помагаме на родителите во секојдневната грижа за нив. За нас, детската и социјалната заштита се врвен приоритет. Затоа носиме решенија кои го олеснуваат животот на граѓаните, но и обезбедуваат еднакви шанси за личен и образовен развој на секое дете“, рече таа.