(Видео) Кузеска: Мицкоски да си поднесе оставка, води партија која не е реформирана и под контрола на Груевски

пред 2 години

Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да си поднесат оставка, посочи на денешната прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска додавајќи дека врхушката на партијата, на чело со избеганиот криминалец Никола Груевски, признала дека дејствувала како злосторничко здружување во предметот „Титаник“.

„Судовите во државата докажаа дека функционери од оваа партија злоупотребувале положби и се богателе со стотици илјади евра од градба на училишта (случај познат во јавноста како Табла), фалсификувале документи и местеле тендери и во РЕК каде ќарот бил 17 милиони евра (ова потврдено во случајот познат во јавноста како Труст). Преку фирми на партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ се затајувал и данок (докажано во случајот Тифани). Од УБК и полицијата си направиле приватна фирма, се фалсификувале службени исправи, се уништувале службени списи од кои дел се однесувале на незаконското прислушување (потврдено во судскиот случај Тврдина 2). Судот докажа дека партиски послушници вдомени во МВР, за набавка на службени возила на полицијата злоупотребувале службена положба и овластување, на штета на државниот буџет, на штета на парите на граѓаните, тендерите ги давале на фирми кои нуделе поскапи цени (случај познат во јавноста како Триста). Судовите во државата ја докажаа желбата за луксуз и моќ на осудениот криминалец бегалецот Никола Груевски во случајот Тенк“, наведе Кузеска според која Мицкоски и целото раководство треба да се извинат, да поднесат оставки и да побараат враќање на парите.

„Оваа партија не е реформирана, тоа е истата ВМРО-ДПМНЕ уште под контрола на бегалецот Груевски“, заклучи таа.

Share
Scroll to Top