(Видео) Кузеска: Следната година ќе има попис

пред 3 години

Попис на населението е исклучително важен за развојот на државата и тој ќе се одржи во април 2021 година, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

„Со Предлог-Законот за попис кој е во собраниска процедура, овозможуваме спроведување на пописот според највисоките меѓународни стандарди на ЕУ, статистичка операција која ќе ја реализира Државниот завод за статистика. Со Предлог Законот за попис, имаме за цел, оваа статистичка операција повеќе никогаш да не се третира како политичко прашање, туку како оперативно-статистичко“, рече таа.

Според Кузеска, пописот нема и не смее да зависи од волјата на политичките партии и лидери.

„Видовме што значи тој пристап кога ВМРО-ДПМНЕ организираше попис во 2011 година кој пропадна, а со него пропаднаа и парите на граѓаните. И денес како опозиција ВМРО-ДПМНЕ прави се за попис да не биде одржан. ВМРО-ДПМНЕ во Собранието продолжува да се однесува деструктивно и неодговорно. Со илјадници амандмани ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието ги кочат дополнувањата на Деловникот кои имаат за цел да обезбедат работа од далечина на пратениците кои се во изолација поради ковид 19. Со стотици амандмани ги кочат измените на Законот за здравствена заштита и Законот за внатрешни работи“, рече Кузеска.

Таа кажа дека СДСМ преку парламентарното мнозинство во Собранието е подготвена во собраниската процедура да бидат разгледани поднесените амандмани од опозицијата со цел, како што кажа, да се обезбеди уште поквалитетно законско решение.

„Со усвојувањето на Предлог-Законот, Република Северна Македонија во 2021 година, за првпат по 19 години ќе спроведе попис на населението. Оваа операција не смее да се политизира ниту да се одложува“, рече Кузеска.

Share
Scroll to Top