(Видео) Македонските корени може да ја спасат киднапираната 19-годишна девојка од Хамас

(Видео) Македонските корени може да ја спасат киднапираната 19-годишна девојка од Хамас

пред 6 месеци

Еврејската заедница во Македонија потврди дека 19-годишната киднапирана девојка од Хамас има македонско потекло, а Израелците укажуваат дека тоа може да ѝ го спаси животот. Наама Леви беше киднапирана на 7 октомври и од тогаш е заложник на Хамас, кои држат во заложништво 242 Израелци.

Рашел Леви Друмер, професорка во Израел, родена во Македонија, вчера, од Еврејската заедница побарала потврда на македонското потекло на киднапираната девојка, а денес добила потврда и документи, кои тоа го покажуваат.

„Родителите на девојката во очај ме замолија да направам напор да се потврди македонското потекло на Наама Леви. Нејзината прапрабаба Гарсија Бивас е родена во Скопје во 1893 година од татко Хаим и мајка Сара, а во 1900 година ја напуштила Македонија, дошла во Израел, каде што се омажила. Еврејската заедница ги потврди сите наводи на семејството. Се надеваме дека со нејзината историја би можела да добие и македонско државјанство, добро би било како еден хуманитарен чекор. Веќе имавме неколкумина киднапирани што Хамас ги ослободи оти се државјани и на други земји“, вели Леви Друмер во изјава за „Макфакс“.

Киднапираната девојка е активитска на мировната организација „Раце на мирот“. Нејзините родители на снимката од нејзиното киднапирање со која ги известиле дека е жива го додале нејзиниот говор, во кој објаснува дека се придружила на организацијата оти е за разговор со Палестинците и за надминување на проблемите.

„Живееме толку блиску едни до други, но никогаш не разговараме едни со други“, вели таа во видеото, кое се споделува на социјалните мрежи.

Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија, веднаш откога го добиле барањето од Израел, ја провериле документацијата и ги потврдиле зборовите на семејството на киднапираната девојка.

„Точно е дека киднапираната девојка е по потекло од Македонија. Баба ѝ Гарсија Бивас е родена 1893 година. Најдовме податок дека таткото на нејзината прапрабаба, Хаим Бивас, во тоа време бил член на Еврејската заедница, што е основен податок за потеклото оти, за жал, од тоа време немаме матични книги, таквите податоци ги имаме за периодот пред 1919 година. Најдовме и податок дека Хаим Бивас во 1925 година се иселил во Приштина. Целата побарана документација веќе ја испративме во Израел и се молиме за нејзиниот живот и за животите на сите киднапирани, не само Израелци туку и Палестинци“, вели Леви за „Макфакс“ нагласувајќи дека киднапирањата и држењето во заложништво се краен чин на варваризам во едно цивилизирано општество.

„Макфакс“ испрати прашања во Министерството за надворешни работи и во Владата за случајот на киднапираната девојка со македонско потекло и можноста да добие државјанство. Од Министерството потврдија дека ги виделе прашањата и најавија одговори, а од Владата нема никаква повратна информација.

Текстот (Видео) Македонските корени може да ја спасат киднапираната 19-годишна девојка од Хамас е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top