(Видео) Милошоски: Бојкотот нанесе штета на податоците од пописот, особено за Македонците

пред 2 години

Пописот ваков каков што е во Република Македонија покажува алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини освен за градот Скопје и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување, рече во денешното обраќање Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, власта сака да го прикаже пописот како успех, но иселувањето покажува дека истиот е неуспех. Милошоски додава и дека бројката од 7,2% неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен.

„Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7,2% или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата“, истакна претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Милошоски, тоа се 7,2% кои го бојкотирале пописот, а како што кажа, треба да се има предвид дека овој попис го бојкотирале Македонци.

„Како може тоа да се заклучи. Едноставно е, ќе споменам неколку средини и општини каде што е поголема бројката на граѓани кои не се попишале или не се изјасниле по етничка основа, а според нашите податоци добиени од најмногу секторот образование можеме да заклучиме дека нивниот број во најголем дел се работи за Македонци.

Во општина Аеродром имаме 5.247 Македонци кои не се попишани, во општина Ѓорче Петров имаме 4.450 Македонци кои не се попишани, во општина Центар 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во општина Велес 4.700 Македонци, Кавадарци 2.500, во Кочани 2.400 Македонци не се попишале, во Охрид 4.300 Македонци коишто не се попишале, во Прилеп 5.000 Македонци, во Струмица имаме рекордни 6.640 Македонци кои не се попишан, во Штип околу 4.400 Македонци кои не се попишале на оваа статистичка операција. И со тоа сметаме дека оваа статистичка операција неуспевајќи да ги дефинира сите параметри на овие присутни жители во државата го прави пописот некомплетен“, кажа тој.

Милошоски нагласи дека од ВМРО-ДПМНЕ повикале на масовно попишување за време на пописот и покрај, како што кажа, многуте забелешки.

„Но, за жал имаше и одредени актери кои што повикуваа на бојкот и бојкотот нанесе одредена штета на податоците на овој попис, на комплетноста на овој попис и на штета на Македонците“, нагласи тој додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ по смената на власта се обврзува да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди.

Share
Scroll to Top