(Видео) Милошоски: Заев не е ајатолахот од Иран па да одлучува кој има морална обврска да поднесе оставка

пред 3 години

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, денеска од собраниската говорница побара предлог точката за одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство да биде ставена на дневен ред посочувајќи дека очекува поддршка од страна на сите пратеници, односно, како што рече тој, да се констатира оставката за да може на овој важен ресор да се предложи посоодветна личност.

„Сметаме дека тоа е најмалку што може да го направи Собранието, да ја констатира оставката на министерот Филипче, кој што сноси објективна одговорност за ваквата катастрофа, а за субјективната негова одговорност или на други чинители ќе се одлучува во истражна постапка Јавното обвинителство“, кажа Милошоски.

Тој предложи точката да биде прва на Дневниот ред и посочи дека се надева на поддршка од сите пратеници.

„Оставката како морален чин не треба да биде предмет на ничија истрага, тоа е оставка на човек кој што има или нема грижа на совест, а премиерот не е ајатолахот во Иран па да одлучува кој има совест, кој е морален или кој е неморален во државата“, посочи Милошоски.

Тој упати апел до претседателот на Собранието, Талат Џафери, преку прифаќање на предлог одлуката за разрешување на Филипче да покаже дека има поголема совест од Зоран Заев, на кого, како што рече, Филипче му е важен за големи тендери.

Share
Scroll to Top