Додека турската полиција денеска спроведува обемна акција и во Истанбул насекаде го бара меѓународниот мафијаш Седат Пекер, во Скопје тој се движел слободно со своите политички и бизнис другари блиски до актуелната власт, обвини на прес-конференција, претеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Турскиот државјанин Седат Пекер е познат по неговите трговии со кокаин и со други наркотични средства во целиот регион. Како што може да се види од ова кратко видео, Седат Пекер кој што добил македонска патна исправа, под името Џадин Амедовски, во Скопје бил пречекуван со службени полициски возила на аеродромот, му бил обезбеден ескорт до центарот на градот, а во градот бил придружуван и од лица од МВР како дел од неговото обезбедување“, нагласи Милошоски.
Тој посочи дека за разлика од Скопје, во Истанбул утрово од 6 часот турската полиција води голема операција во која што се лишени од слобода повеќе од 40 лица, и се трага и по мафијашот Седат Пекер, кој, како што кажа Милошоски, во Македонија слободно добил патна исправа на име Џадин Амедовски.
„Во денешната акција во Истанбул турската полиција го бара за организирање на криминална група за поткуп, за рекет, за нанесување на телесни повреди како и за лишување од слобода на повеќе лица“, рече претставникот на опозициската партија.
Милошоски потсети дека одминува веќе четвртиот ден откако во јавноста се проговори за аферата „Мафија“ и за скандалот за издавање на македонски патни исправи на меѓународни трговци со дрога.
„Македонската влада треба под итно да побара тим на експерти од Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ, а се со цел да не го доведе во ризик безвизниот режим на македонските граѓани и нивното патување во ЕУ, бидејќи овој безвизен режим Македонија го доби во 2010 година се заснова на принципот на високи стандарди, сериозна гранична контрола и меѓусебна доверба на државите членки на ЕУ и државите што уживаат безвизен режим“, порача тој.