(Видео) Милошоски: Со предлог законот за трговија со марихуана Македонија ќе биде Колумбија во Европа

пред 3 години

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска го критикуваше предлогот за европско знаменце, на, како што кажа, законот за бизнис со дрога, марихуана.

„Сметаме дека ова е скандалозен чин со кој по којзнае кој пат се злоупотребува европското знаменце за теми кои немаат никаква регулатива во Европската унија. Заев и Ахмети четири години ги лажат граѓаните дека од државата ќе направат европска Македонија за со овој предлог закон за трговија со дрога да направат Македонија да биде Колумбија во Европа, земја во која трговијата со дрога онака како што правеше началникот на МВР во Прилеп, ќе стане легален бизнис на семејството Заеви и на неговите коалициони партнери“, обвини Милошоски.

Според него, овој закон е скандалозен, не само заради европското знаменце, туку и заради тоа што премиерот ја приватизира Владата за носење на закони кои, како што кажа, значат бизнис профит за неговото потесно семејство.

„Најголемиот дел од бизнисот со садење на марихуана и веројатно и продажба на црно на таа марихуана во Македонија го водат Трајче Заев, Бобан Заев и Радиша Заев и многу неформални плантажи кои не гласат на нивна сопственост се управувани од овие луѓе“, обвини Милошоски.

Тој апелираше до Делегацијата на Европската унија и во Европската комисија во Брисел, да го стопираат, како што кажа, ваквото злоупотребување на европското знаменце за приватните бизнис интереси на Заев и на Ахмети.

„Сметаме дека со ваквиот предлог закон само ќе има зголемен профит за фирмите МАМ Свети Николе и за фирмата ‘Фарма Медикал’ од Валандово коишто се во директна сопственост на блиската фамилија на Заев. Тоа значи дека во Македонија ќе почнат да владеат картели, младината ќе стане се поподложна на психотропни супстанции, врз младите ќе прават профит овие фамилијарни блиски пријатели на Заев, а земјата ќе стане едно пристаниште и магнет за нелегалниот бизнис со дрога“, порача претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top