Царовска: За наставата да продолжи на начинот на којшто ја започнавме, мора да се почитуваат мерките

пред 3 години

Министерката за образование и наука Мила Царовска при посетата на новото училиште во Ѓопчели, во општина Дојран, апелираше на доследно почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид -19.

„Јас од тука, како министерка но и како мајка, сакам да испратам порака до сите училишта во државата, до сите наставници во државата, до сите ученици во државата, дека Ковид-19 е навистина прашање за кое сите сме одговорни. Дали ќе имаме зголемен раст на случаи, дали ќе имаме зголемен број на починати лица од Ковид-19, зависи од секој од нас“, рече Царовска.

Според неа, фактот што за само една недела има 53 деца и 8 наставници во изолација покажува дека сите треба да покажеме поголема одговорност во спроведувањето на мерките за заштита.

„Со цел превенција на здравјето и на наставниците и на учениците, ние направивме и ги преземавме сите мерки заедно со здравствениот систем, но навистина на сечија одговорност е ова да го запреме заедно и на сечија одговорност е мерките, препораките, протоколите, алгоритмите да се почитуваат доследно, за да може да продолжи наставата во нашата држава на начин на којшто сега сме ја започнале. Да бидеме одговорни“, побара Царовска.

Share
Scroll to Top