Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на денешната прес конференција во врска со трагедијата во Тетово и прашањето за оставки во Владата истакна дека оставката секогаш билa и ќе биде чин на одговорност.
Според Мисајловски, одбивањето на оставки во Владата после еден таков трагичен настан како во Тетово значи само две работи: Оваа влада нема морал, и оваа влада не чувствува одговорност.
„ВМРО-ДПМНЕ не бара одговорност од владата поради политичка малициозност или затоа што има лични мотиви против Заев или Венко Филипче туку поради тоа што се неспособни, но и поради објективна истрага која мора да ја има. Тоа што премиерот Заев го штити министерот Филипче значи дека и Заев треба да си поднесе оставка поради негово активно учество во несмасниот обид да се одговорат прашањата кои ја мачат целата јавност“, нагласи Мисајловски.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија неколку прашања: „Kој е виновен што сме земја со највисока смртност во Европа од Ковид? Кој е виновен што нема нови протоколи за лечење од Ковид? Кој е виновен што нема персонал во болниците, и роднини одат да се грижат за пациентите? Кој е виновен што немаше вакцини и сеуште не оди добро процесот на вакцинација? Кој е виновен што народот нема доверба во системот и во вакцинирањето?“, рече Мисајловски.
Побара одговори и на прашањата кој е виновен што немало технички прием на модуларната во Тетово?
„Кој е виновен што немало ПП апарати? Кој е виновен што е направена со ПУР пена и никој не водел сметка дали истата е запалива? Кој е виновен што не се дозна кој ги исекол цевките за довод на кислород во модуларната болница во Тетово на почетокот? Кој е виновен што се плаќало по 1000 денари од роднини на пациенти на сестри, доктори болничари да водат грижа за пациентите, и дали е тоа нормално? Кој е виновен што дополнително надвор од тендерска постапка се поврзувале кислородните цевки?“, запраша потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.