(Видео) Мицкоски во име на коалицијата „Обнова за Македонија“ побара Бугарија да не го блокира патот кон ЕУ

пред 3 години

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во име на коалицијата „Обнова за Македонија“ побара од Бугарија да не го блокира отпочнувањето на преговори со Европската унија.

Тој по средбата со коалициските партнери посочи дека македонскиот јазик, историјата, македонското малцинство не смеат да бидат оспорени и мора да бидат почитувани.

„Стоиме на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на Народноослободителната борба и остро се спротивставува на промените на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на НОБ. За коалицијата, македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија. Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни институции“, рече Мицкоски.

Тој заедно со коалицијата побара почитување на националните херои кои се бореле за независна и суверена македонска држава.

„Го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а кои што се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност и се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава. Коалицијата потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, има свој посебен правен, историски, политички и културолошки развој. Кон овој став се придржуваат и припадниците на партиите од коалицијата, кои што ги претставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ“, додаде Мицкоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ има историска одговорност да ги зачува сите идентитетски обележја. Мицкоски упати и предупредување до власта да не тргува со националните интереси, за да не се соочи со судот на народот.

„ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската ВМРО, има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и да се бори за нашата заедничка европска иднина. Сите останати партии од коалиција го поддржаа овој став. Коалицијата ‘Обнова за Македонија’ ја предупредува актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерна историска држава, а кои се создавани од генерации. Во спротивно, ќе се соочи со судот на народот, историјата и правдата“, кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој побара и од Бугарија да не ја блокира европската перспектива на Македонија.

„Ја повикуваме Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку да ја поддржи истата и така да покаже вистинско пријателство меѓу граѓаните на двете држави. Коалицијата ‘Обнова за Македонија’, апелира до пријателите и сојузници од ЕУ да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во ЕУ и да овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската иднина која ја заслужија“, порача во своето обраќање претседателот на опозициската партија.

Share
Scroll to Top