Денеска започнува попишувањето на одделни категории на лица онака како што е предвидено во методологијата, информираат од владеачката СДСМ.
Според Славјанка Петровска, државата по скоро 19 години спроведува попис согласно сите меѓународни стандарди и пракси на Евростат и Обединетите Нации.
Петровска информира дека од денеска ќе се попишуваат лицата кои за време на пописот се наоѓаат во странство, во служба на Армијата, во казнено- поправни и воспитно-поправни установи, лицата кои се на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на нашата земја и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив, како и бездомните лица.
Петровска додаде, дека од денеска па до 21 април ќе се спроведе и самопопишување на дијаспората кое ќе се одвива електронски, преку веб страницата на Државниот завод за статистика.
„Пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци кои ја даваат основата за креирање ефикасни јавни политики кои обезбедуваат економски раст и развој, искоренување на сиромаштијата, зголемување на еднаквоста меѓу граѓаните, рамномерен регионален раст и поголема заштита на животната средина. Веќе се усвоени и здравствените протоколи што значи дека процесот на попишување ќе се спроведе со максимална заштита на здравјето на граѓаните и на попишувачите“, рече Петровска.
Според неа „паѓаат во вода обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Законот бил лош и неевропски, дека методологијата не била соодветна“.
„Собирањето на потписи за наводно одложување на пописот е само лош и неумесен партиски маркетинг. Апелираме, граѓаните да не подлегнуваат под лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ и активно да се вклучат во пописот“, истакна Петровска.