Во центарот на Прилеп денеска се прославуваше во знак на светецот заштитник на градот, Свети Никола. По повод одбележувањето на градската слава изутринава во црквата „Свето Благовештение“ се одржа празнична литургија на која освен домаќинот Тони Тарунџиоски од компанијата „Футура“ присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски и голем број верници.
Празнувањето продолжи пред параклисот на свети Никола во центарот на градот, каде што се изврши водосвет и прережување на славскиот колач.
Домаќин на годинешното чествување беше семејството Тарунџиоски, кои поради пандемијата со Ковид -19 а заради безбедност на сите, во договор со Општината минатогодишната прослава на верскиот празник Св.Никола ја одложија за оваа година. Семејството Тарунџиоски како домаќини за сите посетители подготвија посна трпеза, со традиционалните светиниколски сарми, грав, посни специјалитети и пијалоци.
Пред присутните гости градоначалникот Јовчески им ја честиташе славата на сите граѓани, на домаќинот Тони Тарунџиоски од компанијата Футура, како и кумството на новите домаќини Теракота Инжинеринг, со желби за добро здравје, среќа и бериќет во сите домови.
„Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму таа, уметничкото творештво, историјата, археолошките локалитети, познати музички, актерски, спортски имиња и презимиња. Во таа насока јас како градоначалник, ќе продолжам да го развивам актуелното творештво, со се поголем интензитет, а Општина Прилеп ќе ги чува и негува локалните традиции и духовноста обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој еден турист, гостин, добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство” истакна градоначалникот Борче Јовчески.
Во своето обраќање домаќинот на градската слава Тарунџиоски порача дека благодарение на бога и патронот на град Прилеп Св. Никола, денеска е домаќин на нашата градска слава, и се надева дека годината што следи ќе биде подобра за сите граѓани.
Сопствениците на компанијата „Теракота“ се обратија пред присутните истакнувајќи го задоволството од укажаната чест да бидат домаќини на градската слава наредната година, и во името на сите вработени во нивната компанија и во нивно лично име се обврзаа и догодина достојно како домаќини да ја продолжат традицијата во Прилеп.
Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, рече дека пораката што денес ја испраќа до присутните е да го следиме примерот на свети Никола, патрон и заштитник на општина Прилеп и дека во рамките на епархијата па и во цела држава Прилеп е единствената Општина која на ваков свечен начин го одбележува верскиот празник посветена на светецот Св. Никола.