Градската организација на СДСМ денеска обелодени докази за кои велат дека покажуваат оти претседателката на ССК, Данела Арсовска и овозможила на нејзината мајка, Марика Јовановска, да стане член на Државниот совет за статистика како предлог на ССК и да зема по 10.000 денари од седница.
Според СДСМ, мајката Марика Јовановска станала член на Советот за статистика, на предлог на Сојузот на стопанските комори на Македонија, кога нејзината ќерка Данела Арсовска била претседател на ССК.
Како докази беа приложени: номинацијата на Марика Јовановска, мајка на Данела Арсовска (со моминско презиме Јовановска), доставена до Илија Димовски, претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во 2019; биографија на номинираната од ССК Марика Јовановска и извадок од Службен Весник бр. 107 од 28 мај 2019, со одлука за именување на членови на Совет за статистика, каде што како член е именувана Марика Јовановска, раководител на сектор за набавки во „Титан“, на предлог на Сојузот на стопанските комори на Македонија.
„Има ли појасен случај на непотизам од овој? Само личност која што не поседува чесност и личен интегритет, како претседател на ССК, може да овозможи нејзината мајка да биде номинирана и избрана за член на Советот за статистика, каде што хонорарот изнесува 10.000 денари по седница“, обвинуваат од градската организација на СДСМ.
Од таму, воедно, ја повикуваат Државната комисија за спречување на корупција да го испита случајот.