Елизабета Ѓоргиевска – сопругата на претседателот, Стево Пендаровски, денеска во Њујорк учествуваше на настанот по повод 30-годишнината од глобалната 16-дневна кампања против родово базирано насилство, што се одржува на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации. Домаќини на настанот се Центарот за женско глобално лидерство и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
На настанот се дискутираа резултатите од кампањата во изминативе три децении во однос на унапредувањето на националните и глобалните агенди за елиминирање на родово базираното насилство. Посебен фокус на настанот беше ставен и на проширувањето на кампањата со прашањето за најекстремната форма на насилство врз жените – фемициди, односно убиства на жени врз основа на род.
Ѓоргиевска истакна дека во изминатите три децении Северна Македонија постигна значителен напредок во борбата против родово базираното насилство. Направени се значителни промени во законските рамки, има значително инвестирано во зајакнувањето на институциите, како и зголемување на јавната свест за родовото базирано насилство. Со оглед на тоа дека земјава ја усвои Истанбулската конвенција, во тек се процеси за операционализација на конвенцијата преку измени во националното законодавство и негово усогласување со Конвенцијата. Со новите законски решенија за спречување и заштита на родово насилство и семејно насилство се предвидени одредби што овозможуваат специфична заштита за жените жртви на различни форми на насилство, преку воспоставување специјализирани услуги за помош и поддршка насочени кон унапредување на системот за поддршка на жртвите.
Дополнително, Ѓоргиевска истакна дека е потребно да продолжи успешната соработка со агенциите на ОН, јавните институции, граѓанскиот сектор, медиумите и активистите, соработка која носи придобивки за подигање на јавната свест и справувањето со родовото базирано насилство. Исто така, таа ја спомена и важноста на економската независност којашто им овозможува на жените да бидат сигурни да ги напуштат небезбедните домови и да бараат правда, едукацијата на младите во однос на родовата еднаквост и почитувањето на човековите права. Неопходна е и емпатија, бидејќи никој од нас не смее да биде нем сведок на насилство. Ѓоргиевска посочи дека сите мораме да покажеме емпатија кон жртвите на родово базирано насилство и да им помогнеме да се реинтегрираат во општеството.