(Видео) Спасувачка акција на „тигрите“, извлечено изнемоштено лице од завеаниот Галичник

пред 2 години

По упатен повик до Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска била побарана помош од МВР за евакуација на болно изнемоштено лице, жител на село Галичник, општина Маврово-Ростуше.

Од страна на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, во содејство со Хеликоптерската единица на МВР, веднаш било одговорено на поставената задача.

„Припадниците на специјализираниот алпинистички тим на САЕ ‘Тигар’ заедно со колегите од Хеликоптерската единица денеска во периодот од 7 до 10 часот извлекоа жител на село Галичник, а поради снежните навеви на патиштата кон селото, тимот беше принуден да се спушти на локацијата во Галичник, користејќи специјална опрема за спуштање и кревање од хеликоптер.

Од страна на полициските службеници лицето беше подготвено за транспорт, ставено во хеликоптер и транспортирано до ГОБ ‘8 Септември’ во Скопје, каде беше предадено за укажување на медицинска помош“, се наведува во соопштението на МВР.

Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР е наменета за извршување на специјални полициски и антитерористички задачи.

Покрај основната намена, специјализираните тимови на единицата се користат и за извршување на спасувачки мисии при сложени услови на тешко пристапен терен.

Share
Scroll to Top