(Видео) Шилегов: Со новиот мост за 70% се крати времето за патување од Ново Лисиче до Мавровка

пред 3 години

Мостот на булeвар АСНОМ по реализацијата на завршните градежни работи за помалку од 30-тина дена ќе биде ставен на располагање на скопјани, а особено жителите на Аеродром, Центар и Гази Баба, најави во денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје и кандидат за нов мандат, Петре Шилегов.

„Изградбата на овој булевар во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал заради отсуство на визија за развој на градот и немање чувство за вистинските приоритети, неговата изградба секогаш била одложувана за некои подобри времиња“, додаде тој.

Образложувајќи ги неговите карактеристики, Шилегов додаде дека мостот се изведува во согласност со сите современи стандарди за изградба и е граден со најквалитетни материјали.

„Има 6 коловозни ленти, со енергетски ефикасно ЛЕД улично осветлување, како и тротоари и нови патеки за велосипедистите и корисниците на алтернативни средства на сообраќај. На новопробиениот булевар АСНОМ и на мостот се воведуваат и нови линии на ЈСП, а дополнително булеварот го краси и дрворед, кој е засаден од двете страни“, истакна актуелниот градоначалник.

Како што кажа Шилегов, новиот мост ќе овозможи брза врска на најнаселената општина во Скопје, Аеродром, со Гази Баба, преку централното градско подрачје.

„Со тоа времето на патување од Ново Лисиче до Мавровка го скратуваме за околу 70%. Со новиот мост се зголемува динамиката на движење, се олеснува сообраќајниот метеж, а Скопје и скопјани на располагање добиваат безбедна врска за движење низ три општини“, појасни тој.

Градоначалникот кажа и дека во Скопје два моста истовремено не се граделе со децении.

„Едниот е овој којшто е во завршна фаза, а другиот во Карпош кој штотуку го започнавме. Продолжуваме да градиме по план нови сообраќајни решенија кои ќе обезбедат одржлива урбана мобилност за граѓаните“, потенцираше Шилегов.

Share
Scroll to Top