Виолинска магија со виртуозната Сајака Шоџи

пред 2 години

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Манфред“ на кој како солистика ќе настапи јапонската виолинистка Сајака Шоџи, лауреатка на престижниот виолински натпревар „Паганини“. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 77 од Јоханес Брамс и Шестата симфонија од Л.В.Бетовен.

Шестата симфонија на германскиот музички гениј Лудвиг ван Бетовен која има програмски поднаслов„Пасторална“ се смета за едно од најзначајните остварувања во историјата на симфонизмот. Првпат била изведена во Виена во 1808 година. Композиторот бил инспириран од природата, како што сугерира и самиот наслов, иако за творечкиот опус на Бетовен тоа е вистински раритет, бидејќи неговите капитални дела изобилуваат со тешка, тегобна драматургија, во која се вткаени длабоки мисли и чувства за животот и неговата болка.

Подемот на Сајака Шоџи започнува во 1999 година, откако ја добива првата награда на еден од најважните виолински натпревари – „Паганини“ во Џенова, Италија. Веднаш потоа започнува нејзината плодна соработка со некои од водечките светски диригенти – Зубин Мехта, Лорин Мазел, Семјон Бичков, Јури Темирканов и многу други.

Нејзината уметничка уникатност и разновидниот обемен репертоар ја носи и пред други реномирани оркестри денес – Лондонскиот симфониски оркестар, Берлинската филхармонија, Њујоршката филхармонија, Оркестарот на Националната академија на Санта Чечилија, Чешката филхармонија… Покрај тоа, Сајака Шоџи редовно одржува и рецитали, но и камерни концерти заедно со Вадим Репин, Ланг Ланг, Итамар Голан, Јефим Бронфман и Стивен Исерлис.

За тоа како е прифатен овој проект од публиката, таа вели: „Ова искуство е сосема ново за слушателите и секогаш им треба малку дообјаснување. Тие на почеток воопшто не помислуваат дека сликите се направени од моја страна, затоа што тоа досега изведувачите не го правеле“.

Share
Scroll to Top