Владата одобри дополнителни финансии за справување со кризната состојба со струја

пред 3 години

На денешната 11-та седница, Владата донесе одлука за одобрување финансиски средства во износ од 2,9 милијарди денари на АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, за обезбедување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.

Со оваа одлука, велат од Владата, се задолжува ЕСМ АД овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.

На седницата Владата одобри АД Електрани на Северна Македонија да ја спроведе постапката за продолжување на рокот на доспевање на фактурите за испорачана електрична енергија за декември 2021 година и за јануари 2022 година, од ЕВН АД до 01.07.2022 година.

„Во врска со ова, Владата го задолжи АД ЕСМ да склучи Анекс на договорите со ЕВН со кој на дистрибутерот на електрична енергија ќе му се овозможи одложено плаќање на доспеаните фактури за декември 2021 и за јануари 2022 година, со соодветна гаранција во висина на износот на фактурите за кои се продолжува рокот на плаќање“, е нагласено во информацијата од Владата.

Владата, додаваат од таму, ги прифати и заклучоците на Министерството за финансии со кои се задолжуваат буџетските корисници од централната власт, во најкраток временски рок да ги подмират заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и во утврдените рокови да ги плаќаат фактурите за испорачана електрична енергија.

За подмирување на заостанатите обврски за потрошена електрична енергија и плаќањето на фактурите за испорачана електрична енергија е донесена препорака до единиците на локална самоуправа и институциите во нивна надлежност, како и за јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, појаснија владините служби.

Share
Scroll to Top