СДСМ се исплашени од откривањето на криминалите кои се направени овие години во градот Скопје и затоа панично и хистерично реагираа за членовите во Управните и Надзорните одбори, вeлат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на денешната изјава на Стефан Васев.
Партиската реакција поконкретно се однесува на предлогот актерката Јелена Жугиќ да биде во УО на Младинскиот културен центар (МКЦ), откако од СДСМ порачаа дека МКЦ не смее да се уништува со лица од режимот.
На тоа, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека Жугиќ е реномирана актерка со голем број на филмски и театарски улоги и личност со импозантна биографија, односно, како што велат, е кадар каков што му треба на МКЦ.
„Жугиќ е реномиран првенец на Театар Комедија и има добиено награда за најдобар млад глумец во 1996 година, а во 1997 година на Националниот фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп награда за најдобра глумечка креација. Награда од истиот тип добива и во 2001 година. Жугиќ има добиено и награди како Златна Бубамара на популарноста во 2009 година, како и награди за најдобра женска улога во 2011 и 2012 година од страна на Националниот театарски фестивал Војдан Чернодрински“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.