ВМРО-ДПМНЕ поднесува кривични пријави за хонорарите на обвинителите од СЈО

пред 3 години

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави за хонорарите на обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Партискиот портпарол, Наум Стоилковски рече дека СЈО во текот на четири години од 2015 до 2019 година противправно си исплаќале надоместоци и додатоци на плата, со што го оштетиле буџетот за 4.6 милиони евра.

„Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, иако донела Правилник за утврдување и исплаќање на додатоци на плата, не се придржувала кон законите и посебните акти, и неосновано исплатила додатоци на плата на вработените во Специјалното јавно обвинителство во висина од 282.896.000 денари, односно околу 4,6 милиони евра за кои што нема законско покритие, по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност“, рече Стоилковски.

Тој тврди дека обвинителите сториле низа продолжени кривични дела, и тоа: Злоупотреба на службена должност и овластување од чл. 353 од Кривичен законик, несовесно работење во служба чл. 353 од Кривичен законик, проневера во служба чл. од Кривичен законик, измама во служба чл. 355 од Кривичен законик.

„4.6 милиони евра народни пари, без било каков основ си исплатиле Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова, и другите обвинители од СЈО. ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе кривични пријави против сите овие лица“, рече Стоилковски.

Опозицијата бара да се изврши суспензија на обвинителите од поранешното СЈО, а Јавното Обвинителство веднаш да постапи по кривичните пријави, и во најкус можен рок да извршат враќање на незаконски стекнатите средства.

Стоилкосвки додаде дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители во декември 2015 година со него е уредено дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот за утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.

Share
Scroll to Top