ВМРО-ДПМНЕ: РЕК Битола повторно работи само со еден блок, а ТЕЦ Неготино исклучен

пред 3 години

По пожарот на третиот блок и нестручната санација на истиот со кој се нанесе милионска штета, односно се уништи главниот трансформатор на блок 3, РЕК Битола веќе два дена се соочува со нови проблеми. Блокот 1 е исклучен поради пукање на цевки во котелскиот дел, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Самонаречените „шампиони“ во енергетиката се дефинитивно шампиони, ама во негативна смисла на зборот. Најголемиот производител на електрична енергија веќе два дена работи само со еден блок со половина снага. Ситуацијата е уште поалармантна ако се знае дека поради нестручност, небрежност или намерно поради неисчистени канали за довод на техничка вода, надвор од мрежа е ТЕЦ Неготино. ТЕЦ Осломеј и покрај бомбастичните најави има јаглен за само неколку денови“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Со ваквото хаотично работење, како што оценуваат од таму, се доведува и безбедноста на сите вработени како и на енергетските објекти од витално значење.

„Неспособноста и некомпетентноста со поставување на партиски неискусни кадри, донесени од кафеани како свирачи, рецепционери, автомеханичари на раководни позиции во АД ЕСМ и РЕК Битола, се главна причина за ваквата катастрофална состојба на електроенергетските објекти. Деновиве најчувана тајна е колкав е моменталниот увоз на електрична енергија и по која цена ќе се плати истата, а сето тоа поради неспособноста на оваа власт. Овој товар на македонската економија ќе биде претежок за граѓаните, бидејќи сега недостатокот на електрична енергија ќе биде од увоз, а цените на берзите се екстремно високи“, потенцираат од опозициската партија.

„Дали ваквото дилетанско, неодговорно, клептоманско и мафијашко управување со енергетските објекти е дел од планираното сценарио на СДСМ најавено како зелена енергетска стратегија и престанок на работа на РЕК Битола?“, прашуваат од партијата на Мицкоски.

Сметаат дека за вакво управување на енергетиката во Македонија, СДС и ДУИ, како што ги нарекуваат, ќе мора да понесат одговорност!