ВМРО-ДПМНЕ со албанските сестрински партии ќе работи за брз напредок на регионот

пред 3 години

Под покровителство на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје се одржа конференцијта „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“, на која се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„За нас ова претставува посебен момент бидејќи покрај нас, покрај коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, тука се и претставници од нашата сестринска партија од Албанија, Демократската партија која што ја предводи мојот пријател господинот Љуљзим Баша со кој што имаме исклучително квалитетна соработка и во рамките на Европската народна партија“, посочи Мицкоски во своето обраќање.

„Како сестрински партии во рамките на Европската народна партија заедно со нашите пријатели овдека во Македонија, тоа е Алијансата на Албанците и Алтернатива можеме и те како да допринесеме во иднина за брз напредок на нашата држава во рамките на евроинтеграциите и спроведувањето на реформскиот процес. Она кое што денеска не обединува е нашата десна конзервативна идеологија“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој објасни дека на настанот не успеале да присуствуваат претставници од сестринска партија ЛДК од Косово, кои сепак како, што рече, ќе земат учество преку видео-врска.

„На овој начин и тие ќе можат ги пренесат нивните очекувања од годините кои што следат, а поврзани со европерспективите во регионот“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top