Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во Скопје се хоспитализирани 23 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а се лекуваат вкупно 356 лица. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка, соопшти Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 15 оздравени пациенти.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало пет приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за гастроентерохепатологија, на ОРЛ и на Институтот за ТБЦ. Двајца болни се примени на Клиниката за неврологија.
Во ковид – центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 13 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани пет болни.
„Бројот на приеми во изминативе денови е намален и утрово до 8 часот имало 128 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка“, соопшти Министерството.