Град Скопје за загадениот воздух: Поради скапата струја многу граѓани годинава за огрев користат дрва

пред 3 години

Од Град Скопје информираат дека веќе започнале со системски и конкретни мерки за справување со загадениот воздух, но исто така обвинуваат и дека претходните градски власти не направиле доволно за да се изнајдат соодветни решенија.

Според актуелните градски власти, покрај неодговорната работа на претходното раководство, проблем во справувањето со загадениот воздух оваа зима ќе биде и економската криза која, како што се вели, директно удира по граѓаните.

„По најавите за драстично зголемување на цената на електричната енергија, дел од граѓаните најавуваат дека за огрев ќе користат дрва, што дополнително негативно ќе се одрази на загадувањето на воздухот“, нагласуваат од Град Скопје.

Во однос на мерките кои се преземаат во моментот, велат дека уште во првите денови од мандатот, новата градската администрација почнала интензивно да ги чисти сите диви депонии кои биле детектирани на територијата на градот и досега се исчистени над 120 депонии.

„На дел од нив се планирани нови зелени површини, а меѓу нив во Ново Лисиче, во Ново Село и на многу други места“, стои во соопштението.

Како мерка против загадувањето се наведува и зголемениот и неселективен инспекциски надзор и воспоставување на системски решенија, со што секое физичко или правно лице кое ја загадува околината и со тоа директно влијае врз загадување на воздухот, ќе биде казнето со високи глоби.

„За прв пат неселективно се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните, а една беше изречена неодамна во износ од 88 илјади евра“, објаснуваат градските власти.

Од таму посочуваат и дека планот на Град Скопје е преку модернизација на јавниот превоз, директно да се влијае и да се подобри квалитетот на воздухот.

„Покрај тоа планирани се нови велосипедски патеки, субвенции за купување на велосипеди и електрични тротинети, со што ќе се мотивираат граѓаните да користат алтернативен превоз. Град Скопје во план има и изградба на пет мега паркови, со што ќе се зголеми зеленилото во градот“, стои во соопштението.

Share
Scroll to Top