Во текот на вчерашниот ден на територијата на државата се случиле две сообраќајни незгоди со смртни последици, во кои животот го загубиле две лица, информираат од МВР.
Првата се случила на подрачјето на СВР Штип во попладневните часови, при што било пријавено дека на експресниот пат Штип – Радовиш дошло до судир помеѓу товарно возило „фолксваген крафтер“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Ј. (30) од Скопје и товарно возило „цитроен берлинго“, со радовишки регистарски ознаки, управувано од М.В. (44) од Радовиш.
На местото на несреќата починал возачот М.В., а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош.
Со телесни повреди се здобиле возачот Ј.Ј. и сопатникот од истото возило А.Џ. (44) од Скопје, констатирани во Клиничката болница во Штип.
Подоцна во текот на денот, во 20.45 часот на подрачјето на Гевгелија била пријавена уште една сообраќајка со фатални последици.
Како што информираат од МВР, на улицата „Моински пат“ во Гевгелија, автомобил „фолксваген голф“, со велешки регистарски ознаки, управуван од С.С. (56) од Гевгелија, изгубил контрола и удрил во паркирано возило „фолксваген поло“, кое од ударот се придвижило и удрило во паркирана „опел вектра“.
На местото на несреќата починал возачот С.С, а смрт констатирал лекар од итната медицинска помош.