Деспотовски: Со јасни правила на игра ќе поттикнеме нови инвестиции

пред 3 години

Со панел дискусија „Јасни правила и дефиниции за подобни инвестициски трошоци и поефикасен систем за исплата и следење на државната помош“, дирекцијата за ТИРЗ почнува серија дебати со бизнис заедницата чија цел е унапредување на услугите и деловната клима за инвестирање во Северна Македонија, информираат од ТИРЗ. Процесот се реализира во партнерство со Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство.

“Воведуваме нов систем на унапредување на односите со инвеститорите. Сакаме преку отворен процес на разговор да стигнеме до решение за сите практични предизвици со кои се соочуваме но и она што постои како потенцијал да го искористиме за подобрување на услугите. Денеска зборуваме за една специфична тема – користење и следење на државната помош и дефинирање на подобни трошоци. Воведуваме јасни и прецизни правила на игра со што ќе ја зајакнеме меѓусебната доверба и да поттикнеме подобрување на деловната клима поставувајќи ја Северна Македонија како сериозна дестинација за инвестирање,“ изјави Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Тој нагласи дека целта е да се воведе заштитен механизам и за компаниите, но и за државата, како и дека ова треба да резултира во упатство кое ќе се применува и за компаниите надвор од зоните.

„Мораме да најдеме начин да се справиме со одредени ризици кои постојат како што е проверка на трошоците и колку тие се реални со пазарните цени. Ова е од интерес и на инвеститорите, но и на сите наши сограѓани – даночни обврзници во земјата“, додаде тој.

Амбиција е рече Деспотовски, ова што се дискутира понатаму да важи и за компаниите надвор од зоните. „Ова е реално пионерски чекор во тој правец кој сакаме да се преслика и во сите останати елементи на доделување државна помош,“ нагласи Деспотовски.

Штефан Петер, претседател на Советот за странски инвестиции ја поздрави иницијативата за отворената дебата.

„Сите можеме да се согласиме дека странските директни инвестиции се важни за секоја земја особено за мала земја како што е Северна Македонија. Тие носат свеж капитал, вработувања, образование, трансфер на технологии. Сите земји се натпреваруваат во привлекување на странски инвестиции. Само во Советот сега имаме 130 странски компании кои прават обрт од 5 милијарди евра и вработуваат 50.000 луѓе. Затоа сметам дека секогаш можеме и мораме да ги унапредуваме нештата со цел да се унапреди системот, да има поголема флексибилност и да имаме развој кој може да биде предвидлив,“ нагласи Петер.

Директорот на Асоцијацијата на странски компании со напредно технолошко производство, Виктор Мизо ја нагласи потребата од почесто ажурирање на ова упатство со кое се регулираат подобните трошоци.

„ Многу е важно за идните компании да знаат однапред што е оправдан инвестициски трошок, кој ќе биде по ист принцип за сите. Исто така е многу важно ова упатство да се усогласи со глобалните стандарди. Верувам дека ова ќе придонесе кон подобрување на процедурите и ќе биде основа за промена на законски акти, како и дека ќе се земат во предвид нашите забелешки,“ рече Мизо.

На панелот присуствуваа над 30 компании активни во зоните и надвор од нив.

Share
Scroll to Top