Димитров: Голем е придонесот на граѓанските организации во креирањето на реформите за ЕУ интеграција

пред 3 години

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања учествуваше на онлајн консултацијата со над 60 претставници на граѓански организации за Нацрт-Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) 2021-2025 година.

НПАА е клучниот стратешки и програмски документ на државата за насочување на процесот на европска интеграција, што ги дефинира приоритетите, динамиката и потребните ресурси за усогласување на националното законодавство со европското право, како и активностите за прилагодување на националните институции кон европските административни структури, па оттаму е основа за нашата подготовка за билатералниот скрининг и за градење на идните преговарачки позиции.

Иницијативата за одржување на овие консултации после повеќе години е во светло на заложбите на СЕП за инклузивност и транспарентност во креирањето на јавните политики поврзани со процесот на европска интеграција. Во своето излагање, вицепремиерот Димитров се осврна на важноста на НПАА, подготовката и механизмот за следење и известување и посочи дека станува збор за жив документ кој и по усвојувањето ќе биде предмет на повремено ажурирање со цел соодветно да се интегрираат новите обврски кои ќе произлегуваат од процесот на интеграција.

„ Првичната анализа на усогласеноста на националното законодавство со ЕУ acquis од објаснувачкиот скрининг содржано во повеќе од 3600 акти, покажа дека степеност на усогласеност изнесува 45% што е одлична стартна основа на почетокот на преговори и за приоретизирање и развивање на преговарачка стратегија базирана на докази, поради што НПАА е прилагодена и на новата методологија за пристапни преговори“ рече Димитров.

Покрај добрата подготвеност за почеток на преговори, Димитров се осврна и на системската подготовка на националната верзија на европското законодавство и забрзаната динамика за превод на acquis-то на македонски јазик, што е исто така приоритет предвиден со НПАА, а заради обезбедување на подобра координација и дигитализација на процесот се работи и на подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и ќе се развијат нови функционалности и интероперабилни системи. Воедно, во тек се консултации за ревизија на актите за преговарачката структура, што е од голема важност и итност.

За крај, Димитров укажа на улогата на граѓанските организации во механизмите за следење на исполнувањето на планираните реформи и нивниот ефект и неопходноста од заемна соработка бидејќи станува збор за процес на европеизација на општеството што е заедничка одговорност.

„ Придонесот во креирањето на реформите за ЕУ интеграција и дефинирањето на приоритетите од вас како граѓански организации ни е особено значен, особено што во текот на годините во вашите редови има развиено експертиза за многу специфични области, затоа вашите предлози и укажувања соодветно ќе ги рефлектираме во НПАА. Секако, важна ни е и вашата улога во следењето на исполнувањето на планираните реформи и нивниот ефект и јас како ЗПВ за ЕУ, но и службите ќе бидат достапни за сите ваши понатамошни сугестии,“ истакна Димитров.

Share
Scroll to Top