Димитров: Западен Балкан е регион каде ЕУ може да направи разлика во геополитичка смисла

пред 4 години

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров учествуваше на конференцијата за „Европската безбедносна соработка со Источното соседство и Западен Балкан“.

Конференцијата беше прилика за размена на ставови во однос на геополитичкото дејствување на Европската Унија, со осврт на соработката со земјите од Западен Балкан во однос на прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста на Европа, велат од кабинетот на Димитров.

Вицепремиерот Димитров се осврна на геополитичките и економските фактори кои налагаат блиска соработка на ЕУ и Западен Балкан, подвлекувајќи го значењето на единствено и координирано справување со споделените предизвици, што беше евидентно во случајот со мигрантската криза, а особено во однос на Ковид-19 кризата.

Во контекст на безбедносната димензија на процесот на проширување, Димитров укажал на стратешката важност на интеграција на Западниот Балкан и потребата ЕУ да им пристапи како на активни субјекти на европската геополитика.

„Западниот Балкан е најсоодветниот регион каде ЕУ може да направи разлика во геополитичка смисла“, заклучи Димитров.

На панелот посветен на безбедносната соработка со Западен Балкан се обратија и директорот за континентална Европа при Министерството за надворешни работи на Франција, Фредерик Мондолони, директорката за Југоисточна Европа, Турција и ЕФТА државите при Германското сојузно министерство за надворешни работи, Сузане Шуц кои позитивно го оценија европското досие на Северна Македонија, гласно потенцирајќи ја поддршката за нејзин пробив.

Германската амбасадорка Шуц истакна дека Германија жали за пропуштената шанса во декември минатата година да се одржи меѓувладина конференција, но истовремено ќе остане силно посветена за нејзино што поскоро реализирање, во рамките на триото со португалското претседателство и Словенија.

Францускиот амбасадор Мондолони, рече дека Франција се залага за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија.

Share
Scroll to Top