Како реакција кон недоличните барања на бугарската дипломатија за ревидирање на македонската историја, јазик и постоење како посебен народ, Македонците во светот повикуваат на прекинување на сите преговори со Бугарија поврзани со идентитетски прашања.
„Секоја негација на македонскиот јазик, историја и идентитет од страна на соседите повлекува морална, национална и лична одговорност на Македонецот во одбраната на истите.Македонците во светот, со голем гнев и разочараност го осудуваат секој понатамошен “договор” со Софија со кој експлицитно се бара преименување на историјата и бришење на македонската вековна историска поврзаност и посебност. Причина повеќе и поради ставот на Советот на ЕУ од 25 март годинава, во кој се внесени забелешките на Бугарија за отпочнување на идни преговори“, се вели во соопштението на Обединетата македонска дијаспора.
Според нив, Бугарија како сосед и земја членка на ЕУ, отворено бара од Македонија да се откаже од македонскиот јазик и да се употребува само “службениот јазик на Република Северна Македонија.” Истовремено, Бугарија бара да се откажеме од постоењето на македонско малцинство во Бугарија, да прифатиме бугарско толкување на сопствената историја, што вклучува откажување од најзначајните македонски херои и нивно префарбување во Бугари.
„Со неотфрлањето на овие бугарски барања, ЕУ ги погазува своите сопствени вредности и принципи содржани во Договорот на Европската Унија, каде експлицитно се наведува во член 4 , “ ЕУ ги почитува и се залага за националниот идентитет на секоја држава“ како и промоција и реализирање на националните културни и историски вредности (член 167).Поаѓајки од фактот што ЕУ се заснова на ‘почитување’ на основните вредности за човечко достоинство, слобода и демократија во правна држава и има за цел почитување на различните култури и јазици (член 2 и 3), тогаш логички се поставува прашањето, зошто Македонецот е третиран надвор од овие принципи и критериуми? Дали Македонецот не е доволно човек за му се почитува основното право на изразување, самосвест, и самосознание на своето минато?
Ја повикуваме Европската Унија да го почитува нашето постоење како Македонци, да го уважи нашето право да си ја вреднуваме сопствената историја и да си го негуваме сопствениот јазик. Идентитетските прашања никогаш не биле и не треба да бидат предмет на разговори и преговори. Тие се право на поединецот и заедницата, што се над секоја држава или политички субјект.Можеби е време да се смени процедурата на тотален консензус во ЕУ, каде некои земји членки од злонамера го кочат проширувањето и наметнуваат анти- цивилизациски услови за земјите кандидати. Консензусот не е добродет ако со него се газат многу повозвишени вредности и се подриваат темелите на демократска, обединета, различна но сплотена, ЕВРОПА.И покрај сите премрежја со кој се среќаваме, Македонците во светот ја продолжуваат својата борба за промовирање на националните вредности преку изучување на македонскиот јазик, култура и историја, како и комплетна негација на “северната творба и нејзините институции”, се вели во соопштението Координативно тело на Македонците во светот.