Не сум сигурен дека темата за проширување на Европската унија ќе биде популарна доволно долго, со оглед на превирањата околу пандемијата на коронавирус и здравствените и економските проблеми што ги носи, изјави вицепремиерот на Бугарија, Томислав Дончев, коментирајќи ги бугарско-македонските односи.
Од оваа причина, тој смета дека Скопје треба да ја искористи шансата што ја има, но не се обврзува на прогнози за решавање на отворените прашања меѓу двете земји, објави „Бгнес“.
Вицепремиерот категорично негира дека Бугарија била под притисок однадвор да се согласи на почеток на преговори со Македонија за членство во ЕУ.
Дончев за бТВ истакна дека земјите кандидати мора да ги расчистат сите контроверзни прашања и да не ги внесуваат во ЕУ пред да започнат преговори.
„Бугарија презеде доволно чекори за поддршка на Северна Македонија во последните години“, рече тој, додавајќи дека Софија не го оспорува идентитетот на населението во Северна Македонија.
„Прашањето тука е како се толкува историјата и како таа се користи внатрешно и надворешно. За разлика од идентитетот, што секој може да избере како да се чувствува, постои историска наука која работи со факти“, рече Дончев.