Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со директорите на интерните клиники при што разговараа за третманот на болните, моментната состојба со капацитетите на ковид-центрите и ротациите со персонал.
Како што информираат од ресорното министерство, на состанокот се разгледувала и состојбата за достапност на болничка терапија за ковид-пацинетите кои се хоспитализирани.
„И покрај зголемената побарувачка на одреден број на лекови, доставата на терапиите оди тековно и нема застој. За некои лекови кои се користат во болниците, потрошувачката е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но потребните колични се испорачуваат и нема недостиг од лекови“, било посочено на средбата.
Во моментов има доволно слободни места на интерните клиники, а Министерството за здравство ја следи состојбата со бројот и приемот на пациенти и доколку се јави потреба ќе се отворат дополнителни капацитети за згрижување ковид-пациенти.
Во однос на кадарот, било посочено дека ќе бидат испратени дополнителен број лекари во сите ковид-центри на интерните клиники.