Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови

Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови

пред 1 ден

Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.

Во Охрид, пак, пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.

Според информациите на Центар за управување со кризи, до 17:00 часот состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.

Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, а состојбата е под контрола.

Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“, при што се преземаат активности за санација.

Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а во ХЕЦ Маврово е преземено намалување на производството на електрична енергија.

Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ги координира активностите со институциите.

Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано.

Фото: pexels

Текстот Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top