ЕВН не смее да биде над законите: Левица бара одговорност за пожарите предизвикани од електричната мрежа

ЕВН не смее да биде над законите: Левица бара одговорност за пожарите предизвикани од електричната мрежа

пред 3 часа

Кој го предизвикал пожарот – подметнувач или електричен вод – мора да сноси одговорност, порача Левица, барајќи темелна истрага за пожарот кај Рамни Габер во Студеничани, за кој според првичните информации бил предизвикан од искра од кабел на дистрибутивната мрежа.

Од партијата велат дека доколку се потврди дека пожарот настанал поради електроенергетската инфраструктура, истрагата не смее да заврши само со утврдување на причината, туку мора да се утврди и дали пожарот можел да биде спречен.

„Мрежните правила наложуваат операторот да има организирано одржување на системот, а за надземните водови изречно предвидуваат прегледи, контроли, испитувања и ревизии, како и поправки, отстранување недостатоци и отклонување дефекти. На граѓаните тоа им се фактурира. Каблите не се оставаат да висат над Македонија, туку нивната состојба треба да се следи, а ризиците да се отстрануваат пред искрата да стане пожар“, велат од Левица.

Оттаму посочуваат дека особено во летниот период, кога високите температури влијаат врз провисувањето на надземните проводници, контролата на критичните распони, растојанијата, вегетацијата и механичката состојба на мрежата претставува основна превенција од пожари.

Во соопштението се критикува и работењето на ЕВН, при што од Левица велат дека компанијата со години работи во „ултрапривилегирана положба“ на дистрибутивниот пазар, додека граѓаните ја чувствуваат нејзината ефикасност кога треба да се наплати долг, да се пресмета камата или да се исклучи корисник.

„Редно е да ја видиме истата ефикасност и кога треба да се отвори нивното досие за одржување. Не може државата и органите на прогон да се помрднат само при можност за подметнат пожар, а за моќен енергетски субјект истата таква искра да биде заведена како временска неприлика и сите да си одат дома“, наведуваат од Левица.

Од партијата бараат секој пожар за кој постојат индиции дека потекнува од електродистрибутивната мрежа да биде предмет на темелна техничка и правна истрага. Треба да се утврдат точниот вод, сопственоста, техничката состојба, датумите и записниците од последните контроли, пријавените дефекти и преземените интервенции.

„Ако се утврди дека пожар настанал поради пропуштено одржување, ненавремено отстранет дефект или друг пропуст – мора да се испита и кривичната и материјалната одговорност. ЕВН не смее да биде над законите. Доста е со третманот на недопирливост. Кој наплаќа за мрежата – мора да одговара и за мрежата. Кој го зема профитот – мора да го сноси и ризикот“, додаваат од Левица.

Текстот ЕВН не смее да биде над законите: Левица бара одговорност за пожарите предизвикани од електричната мрежа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top