Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски изјави дека пожарот во фабриката „Треска“ не предизвикал сериозна загаденост на воздухот. Тоа го потврдиле информациите од околните мерни станици кои во периодот од 13-ти април, ден пред настанувањето на пожарот, до денес, не покажале надминување на параметрите за загаденост на воздухот.
Затоа тој потенцираше дека истиот не треба да се поистоветува со состојбата кај „Охис“, која е хемиска индустрија.
„’Треска’ е фабрика за дрвна индустрија и тука пред сѐ, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата „Салонит“ (попознати како салонитки) и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што претходно кажав, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар. Таму согласно законските прописи, самите сопственици на објектите треба да си го исчистат отпадот, по налог на општината и останатите надлежни институции“, изјави Герасимовски.
Тој информираше дека увидот од страна на МВР е завршен, но во тек е предистражна постапка на јавното обвинителство, по што општината ќе ги знае конечните чекори за постапување.