Заев за вакцините: Очекувам овие денови да ја видиме солидарноста на ЕУ

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев вели дека 5.850 вакцини од „Фајзер“, за кои министерот за здравство Венко Филипче кажа дека се одлична вест што ќе стигнат во февруари, нема да бидат доволни ниту за вакцинација на здравствените работници кои работат директно со ковид-пациенти.

Тој се надева дека преку членките на Европската Унија, Македонија ќе добие вакцини уште во јануари за вакцинацијата да почне час поскоро.

Заев објасни дека приоритетна вакцина чекаат 25.000 здравствени работници, како и хронично болни и пензионери.

„Секако некаде 5.000 или нешто под 6.000 вакцини се тие што сега се најсигурни од ‘Фајзер’. Додека тие се имплементираат и се користат, ќе стигаат вторите, третите пакети. Она на што сега реагираме, е што првите испораки на вакцини во земјите членки на Европската Унија стигнаа. И некаде се 10.000, некаде 15.000, некаде 7.000, зависи колку се големи земјите. И тие стартуваат со давање вакцинацијата. И додека трае процесот, ќе стигнат вторите испораки. Затоа баравме барем пет проценти од целото тоа што го имаат земјите членки да го споделат со Западен Балкан и да може непречено да продолжи вакцинацијата. Јас очекувам солидарноста на ЕУ да ја видиме овие денови затоа што тоа е еден од најизвесните начини вакцината да ја добиеме уште во јануари, а секој ден порано е добредојден. Нормално, очекуваме регулирана испорака по пратки, затоа што ако стигнат 5.800 на пример, тоа не стигнува само за здравствените работници кои работат на ковид-одделите. 7.700 се само здравствените работници кои работат директно на ковид-случаи. Имаме здравствени работници, преку 24-25.000 на ниво на државата. Каде се пензионерите, хронично болните, имаме дебата отврено да граѓаните кои изгубиле член на семејството од Ковид да бидат во приоритетните групи за вакцинација“, кажа Заев.

Сите средства за вакцините ќе се плаќаат од буџетот, но и преку донации и грантови.

„Јас очекувам првите вакцини кога ќе стигнат, додека се случува вакцинацијата, па да стигнат вториот пакет вакцини. Плаќањето ќе биде од буџетот. Еден дел се грантови и донации, како фрижидерите кои ги очекуваме. Ќе водиме и јавна кампања, за да ја подигнеме свесноста за вакцинацијата, за на тој начин да ја истераме пандемијата од нашата земја“, рече Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека првата доза од 5.850 вакцини против Ковид-19 ќе стигне во февруари. Според него, 800.000 дози ќе бидат испорачани во текот на 2021 година.

Share
Scroll to Top