Претседателот на Владата, Зоран Заев и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, одржаа заедничка прес-конференција на тема новите закони за управување со отпад кои ќе овозможат конечно европеизирање на управувањето со отпадот. Со ова, како што порачаа, конечно ќе се реши овој горлив проблем кој се таложел со декади и ќе се прекине синџирот на лошо управување со отпадот.
На прес-конференцијата премиерот Заев информираше дека неодамна Собранието ги донесе преостанатите четири закони од областа на управување со отпадот: Закон за управување со отпадот, Закон за управување со пакување и отпад од пакување, Закон за управување со дополнителни текови на отпад и Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад. Со ова, како што истакна, се заокружува легислативата неопходна за европеизирање на управувањето со отпад.
„На управувањето со отпад посветивме подолг период за да создадеме решенија кои долгорочно го решаваат овој проблем, како и за да создадеме систем кој ќе биде самоодржлив, по европските примери. Со претходно донесените Закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, се обезбедуваат сите предуслови за еден модерен функционален систем за управување со отпад кој конечно ќе биде имплементиран соодветно и во пракса и во нашата земја“, подвлече премиерот Заев.
Тој образложи дека во подготовката на овој концепт беа вклучени меѓународни и локални експерти.
„Се погриживме процесот да биде инклузивен и да ги вклучи општините, операторите со отпад и комуналните претпријатија, граѓанските организации, граѓаните. Целта ни беше да создадеме систем кој ќе ги опфати потребите на сите и истовремено и ќе ги опфати високите стандарди за заштита на животната средина“, подвлече премиерот Заев.
Тој посочи дека Република Северна Македонија веќе го чекори патот кон поодржлив пристап кон управувањето со отпад и дека како земја кандидат за членка во Европската Унија, потребно е да се усогласи со европското законодавството и во оваа област.
„Управувањето со отпадот согласно пропишаните стандарди на Европската Унија не само што ќе придонесе за подобра животна средина, туку ќе придонесе и за заштита на здравјето на луѓето и, ќе обезбеди имплементација на принципите на циркуларната економија во земјата. Законската рамка и Националниот план за управување со отпад 2021-2031 детално го уредуваат собирањето, транспортот, селектирањето, рециклирањето на отпадот, како и неговиот третман и искористување, со што ќе се овозможи создавање на ефикасен регионален систем за управување со отпад, со што ќе се исполнат барањата согласно ЕУ законодавството и европската „Зелена агенда“ која ја прифативме и како наша. Должни сме и кон идните генерации, да го решиме овој горлив проблем кој се таложел со декади, и да го прекинеме синџирот на лошо управување со отпад. Така ќе постигнеме дома да ни биде чисто, а на идните генерации да им оставиме здрава животна средина“, порача премиерот Зоран Заев.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека покрај регулативата, мора да се создаде и регионалниот систем со базична инфраструктура доколку сакаме конечно разрешување на ова прашање.
„Како Министерство и Влада, скроивме план како да го поддржиме обезбедувањето на таа инфраструктура. Ние напорно работиме на инвестициите во остварување на функционалноста на регионалниот систем за управување со отпадот преку центрите за развој, обезбедување на собирни места и места за селекција, изградба на стандардизирана инфраструктура со трансфер станици и регионални депонии, како и чистење и затворање на сите нестандардизирани односно диви депонии и ѓубришта. Ова е нашиот пат за современо и европско управување со отпадот и здрава животна средина, и го поканувам приватниот сектор и граѓаните, да бидат наши партнери во остварувањето на оваа заедничка цел“, порача министерот Нуредини.
Тој подвлече дека во однос на посебните фракции на отпадот, односно за справување со она со што граѓаните се соочуваат најмногу – пластичното пакување, предвидена е забрана за нивна употреба која ќе стапи на сила од први декември, а надоместок од 15 денари за биоразградливи кеси ќе мора да биде евидентиран и пренесен во посебен фонд на Министерството за животната средина и просторно планирање. Исто така од први декември за првпат се воведува и забрана за еднократна употреба на пластично пакување во заштитените подрачја.
„Постојат безброј алтернативи од природни материјали, и сметаме дека за почеток, барем во заштитените природни подрачја можеме да покажеме пример со еколошко пакување“, порача министерот Нуредини.