Заев и Царовска: Креираме македонски модел на основно образование согласно најдобрите светски искуства

пред 4 години

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска учествуваа на јавната расправа по повод реформите во образованието, која што се одржа во Собранието на Северна Македонија.

На расправата во организација на собраниската Комисија за образование, наука и спорт учествуваа и претставници на МАНУ, на ЗЕЛС, градоначалници, наставници и професори на факултетските установи, и на други општествени, образовни, политичките и другите стручни институции, претставници на граѓанските организации, како и претставници на меѓународните организации и на амбасадите на земјите што учествуваат во образовните реформи.

Во своето обраќање, премиерот Заев ја нагласи заедничката желба за учество во расправата за најдобар придонес во исцртувањето на контурите на една од најзначајните реформи во нашето општество – образованието.

„Сите ние во овој процес тргнуваме од амбицијата со реформата да го осовремениме нашето образование со нов модел на настава којшто е инспириран од веќе постоечките образовни системи во развиените земји во светот и во Европа. Се разбира, во промислувањето на реформите ги имаме предвид нашите автентични општествено-економски состојби и заедно со најдобрите европски и светски образовни искуства, на пат сме да создадеме наш македонски национален модел на основно образование“, истакна премиерот Заев.

Заев нагласи дека целиот овој процес се прави во најдобар интерес на учениците и затоа ќе се спроведува со максимална вклученост на сите образовни институции, граѓанските организации, социјалните партнери, како и експертите за образование и професионалци од праксата, со кои се трага по баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на нашите ученици.

„Целта е да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети“, рече премиерот Заев.

Министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето истакна дека заедничкиот заклучок од целиот овој процес на дебати којшто претходеше на денешната јавна расправа е дека, реформи во образованието се нужни, и овој процес не смее да запре.

Министерката во обраќањето истакна дека треба да се отфрлат сите сомнежи дека реформата нема да успее, дека немаме капацитет да ја спроведеме или пак дека е избрзана.

Царовска рече дека е свесна дека секоја промена кај нас предизвикува чувство на неизвесност па дури и на страв, но без промени нема напредок, исто како што без труд и учење нема знаење.

 

Share
Scroll to Top