Премиерот Зоран Заев, заедно со лидерите на земјите членки на НАТО, учествуваше во централниот работен дел на годинешниот Самит на Алијансата. Во денешната изјава Заев посочи дека ова е прв НАТО самит за државата и оти е од историско значење.
„Самитот 2021 на НАТО на шефови на држави и влади е историски момент и за мене и за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит на НАТО со 30 членки. Затоа ова е голем успех за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка цел, а дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан. Северна Македонија, заедно со сите сојузници, се посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани“, истакна во изјавата Заев.
Тој потенцира дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евро-атлантска перспектива.
„Ставањето на овој дел од Европа во вакуум не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и засилени процеси на интеграција на земјите од регионот во НАТО и ЕУ. Денес повторно ги потврдивме нашите единство, кохезија и солидарност. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано“, рече Заев.
Тој му се заблагодари на генералниот секретар Столтенберг за неговото како што рече, водство во креирањето на агендата на НАТО 2030 во соработка со сојузниците и за широките и инклузивни консултации со многу засегнати страни.
„Агендата на НАТО 20-30 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО подготвен за 21 век. Ние се соочуваме со закани од Русија и предизвици од системски авторитарен натпревар до нашата Алијанса. Треба да сториме повеќе и ќе сториме повеќе за да ги поддржиме заедничките демократски вредности и да го заштитиме меѓународниот поредок заснован на прифатените правила. За таа цел ни претстои тесна соработка со истомислениците, главно со ЕУ, но и со други партнери“, додаде македонскиот премиер.
Посочи дека сме посветени кон зголемување на политичките консултации и координација меѓу сојузниците.
„НАТО е неопходен за нашата колективна безбедност. Алијансата е суштински трансатлантски форум за консултации за сите прашања поврзани со безбедноста и за усвојување на заеднички одговори. Во иднина, ние сакаме да го видиме НАТО со поширока политичка димензија и функции. Ова ќе ни овозможи да ги унапредиме политиките во широк спектар на области и да се прилагодиме на новите предизвици, од кои ќе прозлезе зајакната политичката кохезија на НАТО“, истакна Заев.