Заев: Северна Македонија ги спроведува највисоките стандарди во ресоцијализацијата на терористичките борци повратници

пред 3 години

Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот Северна Македонија ги спроведува највисоките стандарди во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот и во ресоцијализацијата на терористичките борци повратници, изјави премиерот, Зоран Заев, на настанот на кој се презентираше Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства.

Тој кажа дека борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата.

„Можам да кажам дека сме задоволни како нашите институции досега се справуваа со феноменот на странските борци бидејќи истите беа соодветно правно процесуирани низ кривично-правниот систем и се соочија со предвидените затворски казни согласно нашиот правен систем. Но, она што ќе биде предизвик во идниот период е да се процени дали начинот на кој што институциите ќе постапуваат со лицата кои отслужија казна затвор и членовите на нивните семејства и начинот на нивно прифаќање и интеграција назад во нивните локални заедници, ќе ги даде потребните ефекти во процесот на де-ангажирањето на радикализираните поединци, без притоа да биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на пошироката средина“, рече премиерот.

Затоа, додаде тој, Владата минатата година ја формираше интер-ресорската Работна група за реинтеграција на странски терористички борци. Работната група доби мандат да изработи прецизен план за постапување на институциите при обезбедувањето на соодветен здравствен, образовен, психо-социјален, социо-економски, безбедносен и правен третман кон оваа категорија наши граѓани, водејќи притоа сметка да не бидат стигматизирани од пошироката заедница.

Share
Scroll to Top