Заев: Со засилено темпо ги зголемуваме инвестициите во обновливи извори

пред 3 години

Фотонапонската електро централа во Теново е со јачина од 1,2 мегавати и претставува уникатен пример на успешно спроведен проект по пат на премиуми кои ја штеди државата многу средства, носи приход за самиот инвеститор го подобрува имиџот на Општина Брвеница. Се имплементира на земјиште кое не се употребува за земјоделски култури и дава придонес во недостатокот на електрична енергија во нашата земја, а остваривме приход од 3 милиони евра директно при самата лицитација на постапките, изјави премиерот Зоран Заев на промоција на официјалниот почеток на оваа фотонапонската централа. Истовремено Заев најави дека во постапка е и изградбата на нови фотонапонски централи со преку 60 мегавати моќност по примерот на премиум тарифи.

„Се работи за една од вкупно 27 централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост, за што јавниот повик беше објавен во 2019 година“, рече Заев.

Тој стакна дека постепено се менува производството на електрична енергија од јаглен со производство на електрична енергија од обновливи извори и дека меѓу приоритетите годинава се важни енергетските проекти кои се очекува да ја раздвижат економијата.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека ако претходно државата преку фидинг тарифите плаќаше минимум 120 евра гарантирана цена, сега тоа е двојно намалено што значи дека влијае на крајната цена на потрошувачите односно граѓаните и индустријата.

„Се работи за една важна инвестиција во нашата држава. Во континуитет се градат централи и на другите локации и до крајот на оваа година ќе имаме над десет изградени на приватно земјиште во Северна Македонија. Ако ги додадеме и фотонапонските централи кои што се градат на државно земјиште за две години ќе имаме вкупна инсталирана моќност од над 60 мегавати што значи дека за три години инсталираниот капацитет ќе биде за три пати поголем до 2017 година, кога не надминуваше повеќе од 20 мегавати. Со ова покажуваме дека ги поттикнуваме сите инвестиции во делот на обновливи извори на енергија, го зголемуваме капацитетот за производство на електрична енергија на домашниот пазар и ја намалуваме зависноста од увоз на струја“, истакна Бектеши.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини посочи дека фактот што постои отворање на фотонапонска централа, на 22 април, денот на планетата Земја, испраќа вистинска порака за тоа како треба да се грижиме за планетата земја.

Share
Scroll to Top