Заев: 24 декември е паметник за вистинското лице на насилничката и режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ

пред 3 години

Слободата и демократијата немаат цена. Пред осум години, на денешен ден беше нападната македонската демократија, пратениците и Собранието под удар на режимската репресија. 24 декември, црниот понеделник е паметник за вистинското лице на насилничката, режимска матрица на ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Зоран Заев.

„Таквиот однос кулминираше години подоцна, на 27 април, со насилниот упад во законодавниот дом и обидот за убиство на пратеници, новинари и вработени во Собранието. Денеска, осум години подоцна многу работи се променети во нашата татковина. Собранието денеска е дом каде царува дебатата, а не насилството. Ја живееме слободата. Новинарите слободно и независно известуваат, пратениците слободно работат, без стрв од упади и насилни исфралања. Редот, правдата и дисциплината се нови вредности“, напиша Заев на „Фејсбук“.

Денес, додаде тој, кога живееме во слобода, во демократија и еднаквост испраќаме порака, датумите како 24 декември да останат врежани во колективната свест, за да потсетуваат на погрешното.

„Никогаш да не се заборави црниот понеделник и да не се повтори. Режим – никогаш повеќе!“, напиша Заев.

 

На 24 декември 2012 година пратениците од опозицијата и новинарите беа исфрлени од Собранието од страна на собраниското обезбедување, по што овој ден беше наречен црн понеделник за македонската демократија.

Опозицијата тогаш се обидуваше да го спречи донесувањето на буџетот за 2013 година, со образложение дека не била испочитувана процедурата и дека во комисиите не биле разгледани амандманите што тие ги поднеле. Во зовриена атмосфера во салата влезе собраниското обезбедување и со примена на сила ги отстрани од салата опозициските пратеници, а отстранети беа и новинарите кои седеа во галеријата.

Тензично беше и пред зградата на Собранието, каде што се најдоа и приврзаниците на власта и на опозицијата, а меѓу нив беше поставена полицијата за да спречи евентуален конфликт.

Европскиот суд за човекови права и слободи во февруари 2017 година одлучи во корист на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, кои физички беа отстранети од собраниската седница.

Share
Scroll to Top