За политички поени се напаѓа работењето на ФИТР, велат од Комитетот за одобрување на инвестиции

пред 2 години

Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во обраќање до јавноста реагира, на како што велат од таму, изнесените невистини и шпекулации за дел од нивните одлуки.

„Во последните неколку дена беа доведени во прашање квалитетот и одржаноста на проектите избрани од Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во рамките на јавниот повик ‘Стартапувај 3’“, стои во соопштението.

Обвинувањата за кои реагираат од ФИТР, стигнаа и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол критикуваше некои од финансираните проекти, меѓу кои, како што рече и рецепт за пица на одредена фирма од Гостивар доделен е грант од 2.400.000 денари (40.000 eвра).

Во реакцијата од КОИ се вели дека членовите на комитетот имаат огромно меѓународно искуство во спроведување на такви проценки за бројни владини агенции.

„Со своето професионално искуство и меѓународна експертиза, пред сѐ сакаме да помогнеме за унапредување на иновативните проекти во државата на транспарентен и правичен начин“, наведуваат од комитетот.

Исто така потсетуваат дека никој од вработените на ФИТР не учествува во процесот на селекција на компаниите кои ќе добијат финансиски средства односно дека сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од 3 домашни стручни лица.

„При носењето на финалната одлука, проектите ги евалуираме според следните критериуми:

– Степен на иновативност (25 поени);
– Квалитет на проектот (25 поени);
– Капацитет на проектниот тим (15 поени);
– Потенцијал на пазарот (25 поени) и
– Влијание (10 поени)

Целиот процес на одлучување, го правиме комплетно независно, без какви било надворешни импути или притисоци. Секој од петте членови на КОИ, индивидуално го оценува секој, проект по што на крајот се собираат оценките и се вади просечниот број на поени“, стои во соопштението.

Во него членовите на комитетот изразуваат жалење што поради, како што се вели, собирање на политички поени се напаѓа работењето на ФИТР.

„Но, ние ќе продолжиме своето знаење и време да ги инвестираме во одличните идеи и иновации, бидејќи сметаме дека Северна Македонија има навистина одличен стартап потенцијал“, нагласуваат членовите на комитетот Вибу Шарма, Ноел Грегор Петерсон-Џоунс, Ашер Сидики, Гунтер Фелингер и претседателот Марвин Лиао.

Share
Scroll to Top