На предлог на Министерството за економија Владата денеска ги усвои измените на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво со што се зголемија средствата за поддршка на занаетчиите.
Финансиската поддршка за мерката за набавка на алати и репроматеријали за занаетчиите се зголемени од претходно предвидените 12 милиони денари на 20 милиони денари. Исто така со измените на Програмата зголемена е и финансиската поддршка по апликант.
Имено со оваа мерка сега се предвидува надоместување на 60% од трошоците на занаетчиите или максимум 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали по апликант. Пртетходно беше предвидена финансиска поддршка од максимум 30.000 денари по апликант.
Право на учество ќе имаат занаетчии кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и ги исполнуваат условите кои ќе бидат дефинирани во Јавниот повик кој ќе биде објавен во наредните денови по усвојувањето на ребалансот на Буџетот.