Иницијативата за конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Ангелеска се соочи со политички линч оти изрази став спротивен на Мицкоски

пред 3 години

Иницијативата за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ испрати писмо до Делегација на ЕУ во Скопје и дипломатските претставништва во Скопје, во кое бараат осуда за настаните по изјавата на советничката во Општина Битола, Анита Ангелеска.

Таа вчера јавно повика на вонреден конгрес и смена на претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски по што била разрешена од сите партиски функции.

Во прилог целото писмо:

„Неодамна, преку писмо Ве запознавме за формирањето и целите на нашиот Иницијативен одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, а поводот беше вербалното и физичко политички мотивирано насилство врз поранешната пратеничка Весна Дамчевска Илиевска, но и врз други членови на Иницијативниот одбор.

Уверени сме дека го следите развојот на актуелната политичка ситуација во државата, на внатрешен и надворешен план, но и дека сте запознаени со случувањата во опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

По одлуката на партијата да ги бојкотира предвремените локални избори во Штип, незадоволството од лидерот на партијата, Христијан Мицкоски и барањата за негова оставка се се’ поголеми. Се зголемува и нервозата кај Мицкоски и се почесто употребува говор на омраза кон членови на партијата кои се приклучуваат кон Иницијативниот одбор. Иако на почетокот неговиот говор на омраза во јавноста изгледаше како повремен изблик во состојба на еуфорија, нам ни беше јасно дека тој тоа го користи како политичка алатка преку која сака да ги обесхраби членовите на ВМРО-ДПМНЕ јавно да критикуваат. Говорот на омраза на затворени партиски состаноци на кој е присутен Мицкоски е уште поизразен. Тој свесно мотивира политичка омраза.

Дополнително, преку Центарот за комуникации и познатото „Дувло“ се организираат напади на социјалните мрежи врз секој оној што јавно ќе проговори, и е предмет на крајно ниско дискредитирање во тој простор со навреди и лаги.

Токму тоа се случи во текот на вчерашниот ден кога актуелен член на Советот на Општина Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Анита Ангелеска, во изјава за локалната телевизија Тера изрази став спротивен на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Г-ѓа Ангелеска се соочи со јавен политички линч. Организиран и поттикнат од претседателот Мицкоски, кога по негов налог Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола информираше дека експресно ја разрешува од сите партиски функции.

“Поривот и причините за нејзината изјава, сметаме дека се во неколкуте судски спорови кои се водат против истата, за што веруваме дека притисокот е голем“, стои во соопштението на партискиот комитет од Битола.

Ние како иницијатива за демократски дијалог во рамки на една политичка партија, најостро го осудуваме и се оградуваме од употреба на говор на омраза. Уште повеќе, ако тоа се прави врз жена. Во изминатиов период додека сме активни, во ниту еден момент не користевме или на било каков начин сме мотивирале говор на омраза.

Стравуваме дека говорот на омраза ќе продолжи и ќе ескалира во периодот кој следи, заканувајќи се да прерасне во стандард за водење на политички дијалог. Незамисливо е во демократскиот свет, претседател на политичка партија да користи и мотивира говор на омраза. Тоа треба да се осуди од сите политички субјекти во општеството.

Ве повикуваме да се заложите за осуда на употребата на било каква форма на говор на омраза во јавната политичка дебата, како и на политички мотивираното, вербално и физичко насилство, посебно кога тоа се однесува на жена“, се наведува во писмото на Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top